Протестна нота од Софија поради нападот врз секретарот на клубот во Охрид
Амбасадоката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи во Софија, каде што ќе ѝ биде врачена протестна нота како реакција од официјална Софија на нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.
Бугарското МНР ќе побара од властите во Македонија да преземат итни и ефективни мерки за, како што велат, борба против злосторствата од омраза врз Бугарите, а министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, во телефонскиот разговор со Бујар Османи добил уверување дека ќе ја добијат потребната помош од локалните власти.
„Привремениот раководител на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и екипа од бугарската амбасада во Скопје се во контакт со повредениот државјанин и се испратени во Охрид. Бугарската држава со месеци упорно го потенцира своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата. Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата во врска со последните напади, вклучително и пукање со огнено оружје, врз организацијата „Цар Борис III“ од крајот на 2022 година. За жал, нападот од 19 јануари 2023 година е пример за тешките последици од системското отсуство на адекватен одговор и посветеност од страна на Северна Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата главна обврска – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани“, соопштија од бугарското МНР.
Бугарија очекува надлежните органи во Северна Македонија да преземат итни активности за откривање, изведување пред лицето на правдата и казнување на сторителите на кривичното дело имајќи ја предвид сериозноста на делото.
„Очекуваме земјата што ја декларира својата желба да биде дел од Унијата заснована на слобода, демократија и владеење на правото, да вложи доследни и реални напори за исполнување на своите заложби поврзани со заштитата и гарантирањето на човековите права. За жал, последниве месеци сме сведоци на токму спротивните трендови во општеството на Северна Македонија. Постоењето проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно, тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во Европската Унија“, реагираат од Софија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа