Протест „Правда за Јана“ во Скопје
Неколку родители дојдоа да го поддржат протестот на битолчани преку кој бараат одговори од што починала петгодишната Јана Христова. Од пред Министерството за здравство, неколку граѓани посочија дека не ги линчуваат докторите, туку да престане молкот и да се кажат причините за смртта.
„Мене ми беше јасно дека во секој случај овде ќе имаме помала поддршка во однос на битолчани. Се надевам ќе направат подобар протест. Ние би сакале да ја пренесеме порака за поддршка за битолчани, бидејќи не се работи само за Јана. Дојдов тука бидејќи себеси си должам да бидам присутна, бидејќи бев и за Тамара. Очекував реформи во здравството, да не дојде до ваква ситуација, да ние бараме правда за некое наше дете. Апсолутно сметам дека не само што ја убиваме иднината на нашите деца, туку ги убиваме и нашите деца. Не навлегуваме, не сме тука за линч на лекарите – туку бараме брзи и ефикасни одговори како може да дојде до ваква ситуација каде имаме смрт на дете од непознати причини. Родителите остана месец дена во агонија за барање за правда. Сметам дека здравствениот систем е таков да регуларниот човек не може да добие и добра помош – не само ради лекарите туку поради неговото организирање. Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Нашето молчење и тоа дека се е според закон и прописи, протоколи – можам да кажам дека смртта не доаѓа според закон, прописи, протоколи. Јана е од нешто отидена, бараме да откриеме зошто е така“, кажа жена присутна пред Министерството за здравство.
Друга жена, прашана дали верува во објективноста на правниот систем и дека обдукцијата ќе ги даде одговорите, посочи: „Не, не, не, не верувам. Јас имам врз мое дете поминато децениски грешки, со ретка дијагноза, останато овде пред Министерство, минимум 12 години, шест години по свет. Веќе имам изгубено доверба во здравствениот систем, иако има експерти и врвни доктори, кои се поретко ги среќаваме во државните установи. Дел се во пензија, дел во странство, дел во приватните клиники. Обдукција со наши експерти – не верувам. Секој за себе. Ние знаеме дека не функционира држава, ниту правниот систем. Би верувала на обдукција ако се вклучат странски експерти“.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори, констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со фисиолошки раствор – но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите кои го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа