Промовирана поштенска марка „За луѓето се работи“ по повод 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

Министерството за надворешни работи и Пошта на Република Северна Македонија денеска промовираа пригодна поштенска марка со мото „За луѓето се работи“ по повод претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ 2023 и претстојниот Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.

Автор на дизајнот на поштенската марка е Александар Јосифовски и е испечатена во тираж од две илјади примероци со номинална вредност од 100 денари. 

Ја промовираа министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи и директорката на Пошта, Бујаре Абази, во СЦ „Борис Трајковски“ каде што на 30 ноември – 1 декември ќе се одржува состанокот на ОБСЕ.

Примероци од пригодната поштенска марка први добија претседателот на државава Стево Пендаровски и амбасадори на други земји во земјава.

-За сеќавањето од Претседавањето со ОБСЕ да биде трајно, се погриживме и преку издавање на посебно издание на свечена поштенска марка. Оваа поштенска марка ќе биде редок пример во филателистичките колекции ширум светот и ќе остане да сведочи на едно време на значаен напредок на државата на меѓународен план, истакна Османи на промоцијата.

„За луѓето се работи“, рече, беше нашето мото и поттик во текот на изминатата година. 

-Нашето Претседавање беше фокусирано на луѓето затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето се секогаш на прво место. Оваа порака е аплицирана и на пригодната поштенска марка затоа што таа треба постојано да ги потсетува политичките лидери и меѓународните организации што е всушност целта на нивната работа, додаде Османи. 

18.11.2023 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега