Призма: Околу една минута е рекордната брзина со која избраните владините министри усвојуваат предлози
Околу една минута е рекордната брзина со која избраните владините министри усвојуваат предлози, закони или прописи ставени на дневен ред на седниците, пишува „Призма“.
Според анализата на „Призма“ направена врз база на записниците од отворените седници, министрите исклучително експедитивно ја завршуваат работата.
Имено Владината седница која се одржала на 16 мај 2023 година почнала во 12.30 часот, а присутните имале за разгледување и одлучување 91 точка. Сите се со различна тематика. Седницата според владиниот записник завршила во 14.0 што значи дека министрите успеале да разгледаат вкупно 91 точка, или одвоиле во просек по околу една минута за точка.
Некои владини седници траат по пет минути, најчесто оние што се одржуваат онлајн, а некои траат и по два часа, но и тоа не е долго, ако се земе предвид дека на дневен ред се и по стотина точки.
Според истражувањата на „Призма“ рекорд по брзината на завршувањето на седницата држи првиот вицепремиер Артан Груби. Седници со кои тој претседавал траеле пет минути. Меѓу објавените записници може да се најде и седница која ја водел вицепремиерот Фатмир Битиќи. За 99 точки седницата траела скоро два часа што значи дека за секоја точка министрите имале по минута и дваесетина секунди. Седниците под водство на премиерот Димитар Ковачевски траат нешто подолго. На пример за 48 точки се заседавало два часа, или во просек – четири минути по точка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа