Притвор од по 30 дена за Косовците осомничени за шпиунажа во корист на Србија
Основниот суд во Приштина им одреди едномесечен притвор на двајцата осомничени за кривично дело „шпионажа“ во корист на Србија, кои беа уапсени вчера во Урошевац во акција на косовската полиција, спроведена врз основа на сознанија на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ), јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата за одредување притвор на осомничените М.Ќ. и Б.Ш. ја објави приштинскиот суд преку соопштение за јавноста, а во изјава за медиумите ја потврди и портпаролката на судот, Мирлинда Гаши.
Во објавата се наведува дека М.Ќ. е обвинет и за кривичното дело „неовластено поседување, контролирање или држење оружје“, додека другиот осомничен, Б.Ш., само за „шпионажа“.
„Судија во претходна постапка го одобри како основано барањето на Специјалното обвинителство на Република Косово за определување мерка притвор против обвинетите и им одреди притвор во траење од еден месец, за секој“, се наведува во соопштението.
Според Судот, притворот е изречен затоа што се цвени дека е можно осомничените, доколку бидат пуштени на слобода, да побегнат или да уништат, сокријат и фалсификуваат докази за делата за кои се сомничат.
„Против оваа пресуда, незадоволните страни имаат право на жалба до Апелациониот суд, преку Основниот суд во Приштина“, се наведува понатаму.
Специјалното обвинителство на Косово преку соопштение информира дека уапсените Б.Ш. и М.Ќ. имаат косовско државјанство и дека истрагата против нив трае веќе неколку месеци.
„По неколкумесечни истраги, (Специјалното обвинителство) во соработка со косовската полиција и АКИ (вчера) изврши рации на две локации во Косово и уапси две лица со косовско државјанство, осомничени за сторено кривично дело ‘шпионажа’, според член 124 од КПРК“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Уапсените косовски Албанци, идентификувани од медиумите како Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, според извори од косовската полиција, работеле за структури на српската разузнавачка служба внатре во Косово, односно соработувале со Безбедносно-информативната агенција на Србија – БИА.
Косовската полиција објави дека денеска при претресот на нивните домови пронашла, меѓу другото, оружје, муниција, маски и војнички гас-маски.
Според медиумите, едниот од упасените, Шабани, бил царински службеник во периодот 1990-99 година, додека по војната продолжил да ја врши функцијата цариник во времето на администрацијата на Мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК. Другиот осомничен, Ќерими работел како службеник во косовската полиција, до кратко време по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година.
Шабани, како соработник на БИА уште од 90-тите, според извори на порталот „Газета експрес“ од косовските разузнавачки служби, имал задача да собира информации и истите да ги фабрикува со цел да го наруши имиџот на Косово преку градење исти наративи со Србија во контекст на промена на историски факти од конфликтот во 1998-99 година.
Уапсените, според изворот на „ГЕ“, со години биле следени од косовските безбедносни институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа