Пристигнале првите поплаки за врсничко насилство на е- маил адресата на МОН

 

Околу десетина пораки пристигнале на новата електронска адреса на Министерството за образование кои се однесуваат на врсничко насилство. Во соопштението е наведено дека дел од пораките се однесувале и на проблеми со поранешни професори и сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

„Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.

Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.

Причина за тоа се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, информираше вчера Министерот за образование Јетон Шаќири.

Во средата 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.

Во селата кај Младеновац, 21-годишен маж во петокот уби осум лица, а повреди 14. Во меѓувреме денеска во Белград е приведена малолетничка која на ТикТок објавила видео во кое се потсмева со жртвите од основното училиште „ Владислав Рибникар“ во Врачар.

 

 

07.05.2023 - 15:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега