Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите

 

МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа, соопшти попладнево Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите како реакција на најавата, како што наведува, „од некои политички партии за основање академија на етничките Албанци во Македонија“.

Нагласува дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии.

-Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав, соопшти Претседателството на МАНУ. 

Осврнувајќи се на формирањето на МАНУ во 1967 година, како највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, посочува дека „првиот состав на академици е избран согласно највисоките универзални научни и уметнички стандарди и китериуми“.

-Денес МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во земјата, наведува Претседателството на МАНУ. 

Во реакцијата апелира и „МАНУ да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции“.

29.07.2024 - 17:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега