Пожарот во Грција ја зеде и првата жртва: Телото пронајдено во продавница

 

Едно лице загина во шумските пожари што вчера се проширија во предградијата на Атина, Грција. Телото, за кое се верува дека е женско, било пронајдено во продавница во градот Врилисија, северно од Атина, изјави за Би-Би-Си извор од противпожарната служба.

Илјадници луѓе беа евакуирани кога пожарникарите предупредија дека се загрозени домовите, деловните објекти и училиштата, а се очекува пожарите да продолжат и денеска.

Портпаролот на противпожарната служба Василиос Ватракоганис рече дека иако повеќе нема активни огнени фронтови во североисточниот регион Атика, кој опфаќа делови од Атина, сè уште има „многу активни локални пожари“, главно околу градовите Маратон и Пентели.

 

Полковникот Ватракоганис рече дека двајца пожарникари се здобиле со изгореници додека се бореле со пожарот. Официјални лица рекоа дека вчера избувнале пожари на 40 различни локации и во некои области биле забележани пламени високи до 25 метри. Луѓето во Атина носеа маски за лице за да се заштитат од чадот во градот.

Во Пентели, шумско, ридско подрачје, мораше да се евакуираат три болници. Пожарот ја зафатил и фабриката за дрво, а на други места во областа се слушнале бројни експлозии, најверојатно од резервоари за гориво и плински боци.

 

Европските земји најавија помош за Грција откако нејзината влада го активира механизмот за меѓусебна цивилна заштита на ЕУ. Италија обезбедува два авиони, додека Франција и Србија обезбедуваат по еден хеликоптер, рече полковникот Ватракогијанис.

Шпанија, Чешка и Романија испраќаат дополнителни возила, персонал и помош. Соседна Турција исто така се подготвува да испрати два авиони и хеликоптер, рече министерот за надворешни работи Онџу Кечели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на „Икс“ објави дека ЕУ „ќе стои на страна на Грција во борбата против разорните пожари“.

Инаку, Грција ги доживеа најтоплите јуни и јули во историјата на мерењата.

13.08.2024 - 10:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега