Поштата во Скопје ќе добие нова намена - Љутков соопшти детали
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска посочи дека е донесена владина одлука да биде реновирана централната зграда на Македонска пошта.
Како што најави министерот, таа ќе има намена за мултифункционален комплекс којшто ќе биде подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.
– Ние веќе разговаравме со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пред тој да замине од функцијата. Разговаравме неколку пати, бидејќи седум години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе Пошта и таа да стане друг комплекс, односно да има друга намена. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски Александар Николовски и донесовме одлука на Влада дека таа ќе биде реновирана и ќе има друга намена, ќе има намена за мултифункционален комплекс – изјави денеска Љутков за време на посетата на НУ Национална опера и балет, во одговор на новинарско прашање.
Како што рече, формирана е работната група и треба да почне да работи. Работната група е сочинета од претставници и од Европски комисија, од Министерство за транспорт и врски и од Министерство за култура и туризам.
На новинарско прашање во врска со креативните индустрии, Љутков најави дека ќе следува посебен конкурс, на којшто во моментов се работи и набргу ќе биде објавен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа