Поповски: Во ниедно сценарио нема да се случи удар на курсот на денарот
Ќе останеме во зоната на умерена инфлација и нема сценарио во кое може да има удар врз курсот на денарот, смета универзитетскиот професор Никола Поповски, поранешен министер за финансии и член на Советот на Народната банка.
Тој во вчерашното гостување на емисијата „24 анализа“ посочи дека инфлаторните притисоци се застапени секаде – во Еврозоната, во Германија како нејзина најголема економија, во Соединетите Американски Држави, каде инфлацијата е околу 7 проценти. Нагласи дека нашата економија е само мал остров во океанот и дека поскапувањата се резултат на она што се случува глобално.
Според Поповски, нема сценарио во кое може да се зборува за девалвација на денарот.
-Нашата инфлација веројатно до крајот на годината ќе се намали. Ударот беше јануарски, поради еднократното зголемување на цените на електричната енергија и парното. Девизните резерви се на високо ниво, на тоа упатува и извештајот на ММФ, каде се тоа се квантифицира. Во услови на врзан курс со еврото, ние ги имаме сите инструменти кај нас на располагање па дури и кога има инфлација. Оваа е умерена инфлација. И во теоријата кога е едноцифрена инфлацијата, таа е умерена. Ние ќе останеме во зоната на умерена инфлација, оцени Поповски.
Како предизвици кои доаѓаат за ценовните движења, Поповски ги посочи и развојот на руско-украинскиот конфликт, како и одмрзнувањето на цените на храната, која беше привремена мерка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа