Помпео: Ако се врати Трамп на власт, ќе продолжи поддршката за Украина
Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео изјави денеска дека САД, најверојатно, ќе продолжат да ѝ обезбедуваат финансиска и воена поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија доколку поранешниот републикански претседател Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
Говорејќи за време на посетата на Токио, Помпео рече дека „никогаш не видел“ Вашингтон „да се оддалечи“ од своите сојузници и партнери за време на претседателствувањето на Трамп 2017-2021 година и покрај ставовите дека неговиот поранешен шеф ќе ја прекине или замрзне помошта за Киев доколку се врати на власт по претседателски избори, кои ќе се одржат во ноември годинава, пренесува „Кјодо“.
Помпео истакна дека членовите на Републиканската партија имаат спротивставени политички ставови, но дека секогаш ја разбирале улогата на САД во светот и нејзините одговорности.
Тој исто така рече дека Трамп, кој не сака војна, ќе им ја даде на американскиот народ и на светот најдобрата можност повторно да станат „помирно место и попросперитетен свет“ и дека ќе работи на воспоставување добри односи со пријателските нации ако повторно стане претседател.
Тој додаде дека е малку веројатно оти ќе се променат структурните идеи од првиот мандат на Трамп, како што е намалувањето на билатералниот трговски дефицит со Кина, барањето од членките на НАТО да го платат својот фер удел и слично.
Помпео беше американски државен секретар речиси три години од 2018 година под администрацијата на Трамп, а претходно беше директор на ЦИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа