Политички судир во ЕП: Одбиена почит кон Чарли Кирк, десницата бесна

 

Европскиот парламент денес во Стразбур го одби барањето на европратеникот Чарли Вајмерс од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) седницата да започне со едноминутен молк во чест на убиениот американски политички активист Чарли Кирк.

Вајмерс побара Европарламентот да го осуди атентатот врз Кирк, кого го опиша како „сопруг, грижлив татко и патриот“, и да оддаде почит преку молк и молитва.

„Мораме силно да го осудиме политичкото насилство и реториката што поттикнува насилство“, изјави Вајмерс, посветувајќи го своето време на предложениот молк.

Меѓутоа, неговото барање беше одбиено од потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли, која претседаваше со седницата. Таа појасни дека претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, веќе го одбила предлогот.

„Веќе разговаравме за ова и знаете дека претседателката рече ‘не’ на едноминутен молк,“ истакна Барли, на што следуваше аплауз од пратениците од центристичките и левичарските групи.

Одлуката предизвика бурни реакции кај десничарските и екстремно десничарските пратеници, кои удираа по пратеничките клупи и гласно реагираа.

На редовната прес-конференција на Европската комисија, портпаролката Паула Пињо кусо изјави дека ЕУ „ги осудува сите форми на насилство“ и изрази сочувство кон семејствата на жртвите.

„Се надеваме дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата,“ изјави Пињо, говорејќи и во име на претседателката Урсула фон дер Лајен.

11.09.2025 - 17:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега