Почнете да кочите и на жолто - почна првата фаза од имплементацијата на казнувањето со камери

Полицијата почнала со првата фаза во имплементацијата на системот кој треба да овозможи за сообраќаен прекршок да се казнува со фотографија направена од камерите поставени на раскрсниците.
Информацијата од МВР ја потврдиле за Плусинфо додавајќи дека наскоро очекуваат да се докомплетира целиот проект со дополнителна опрема и поставување на камери на повеќе локации.
Кога и официјално системот ќе биде ставен во функција од МВР не откриваат. Велат, тоа е класифицирана информација.
За да почне системот да функционира и возачите да ги добиваат казните ќе мора да се направат и соодветни законски измени во Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата.
Кога ќе почне да функционира, системот ќе има можност да снима многу прекршоци. Покрај брзо возење и поминување дури и на жолто светло, системот ќе може да казнува и за зборување на телефон, погрешно паркирање, погрешно престројување, недавање предност на пешаци и разни други ситни прекршоци.
Системот ќе функционира на тој начин што по направениот прекршок сопственикот на возилото ќе добие фотографија од своето возило со регистарските таблички на домашна адреса. Доколку не ја плати казната во соодветен рок, за МВР тоа ќе значи дека негирал дека го управувал автомобилот па за кратко на домашна адреса ќе му стигне уште една фоторафија на која ќе се гледа лицето само на возачот но не и на останатите патници за да се заштити приватноста. Тогаш сопственикот на возилото ќе може да ја извести полицијата кој управувал со автомобилот и МВР нему ќе му ја испрати казната.
За почеток, системот треба да профункционира во Скопје, Куманово и Тетово како и на автопатиштата со цел да се прошири и во останатите градови.

За граѓаните е важно уште од сега да се поготвуваат за новите правила, да не поминуваат на семафор дури и кога има можност да се упали жолто, да внимаваат на брзината да не е над 50 километри на час во градски средини и секако, да не менуваат ленти каде што тоа н е дозволено.

07.03.2024 - 09:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега