По повеќедецениска битка Зулфије Амдовска официјално стана граѓанин на Македонија
По повеќе од 50 години институционална битка, Зулфије Амдовска конечно ќе може да отвори сметка во банка и да ги добие парите од социјална помош. Таа е бездомничка од Скопје која до денеска не беше запишана во матичната книга на родени но од денес и официјално стана граѓанин на Македонија.
-Не бев заведена во компјутер, затоа не учевме школо. Не примаме ниту социјално, ниту помош. Од никаде не примаме никакви средства, вели Амдовска во изјава за Сител.
Таа е меѓу 409-те луѓе кои конечно беа впишани во матичната книга на родени. До крајот на годината ќе бидат впишани уште 117 луѓе.
На церемонијата која се одржа во објектот „Една точка за сите услуги“ таа беше најемотивна од сите.
Сега е задоволна што конечно ќе може да ги користи услугите од државата.
-Толку години немав документи, а се мачам да извадам документи. Не можев, не успеав да извадам. Дојде времето. Социјално ми одобрија од „Ранка Милановиќ“, ама без лична карта не можев да ги извадам парите од банка, ама дојде време сега ќе ги извадам парите од банка, вели Амдовска.
Со солзи им се заблагодари на надлежните зашто конечно ќе може да ги добие своите пари.
Долгогодишната битка на „фантомите“ завршува со измените на Законот за матична евиденција.
-На овие наши граѓани им овозможивме да си ги остварат своите животни права, а пред се за социјална и здравствена заштита. После една деценија им овозможивме да си го остварат правото на заштита на нивното здравје, преку нивно здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование. Досега овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, сега им овозможивме да се вработат, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Инаку, „Една точка за сите услуги“ постои повеќе години и идејата беше на едно место граѓаните да можат да добијат услуги од десетина институции. Меѓутоа, барем засега граѓаните ретко го посетуваат. За една година, според Државниот завод за ревизија, извадени биле само 1 062 документи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа