Платформа за родова еднаквост: Убиството во Кочани е фемицид, бараме преквалификување на делото

 

Платформата за родова еднаквост реагира дека случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство.

Основното јавно обвинителство Кочани, додаваат од таму, донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“ – стои во соопштението на ЈО Кочани.

Ова несомнено покажува дека фемицидот како родово базирано насилство повторно не е препознаено. Оттука, бараме Основното јавно обвинителство да го преквалификува кривичното дело – фемицидот во Кочани согласно член 123, став 2, точка 2а – друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, согласно последните измени на Кривичниот законик“, нагласуваат од Платфромата за родова еднаквост.

Дополнително, Платформата за родова еднаквост ќе поднесе барање до државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски за преквалификување на делото, согласно член 123 став 2, точка 2а.

29.09.2023 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега