Петровска делеше пакетчиња на украински деца: Северна Македонија е нивниот топол дом

 

Театарска претстава со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња во духот на празничниот период. Така изгледаше денешниот хуманитарен хепенинг кој денеска го организираше Министерството за одбрана во соработка со амбасадата на Украина во Македонија во Skopje City Mall.

На хуманитарниот хепенинг присуствуваше министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорката на Украина, Лариса Дир. Намерата на министерката Петровска и Министерството е со овој настан да внесе среќа и радост во очите на дечињата и топлина во нивните срца, да покаже дека тие не се сами и дека се грижиме за нив.

„Тука се дружиме со дечињата кои своите прибежиште го најдоа во Република Северна Македонија, украинските деца кои страдаат од војната и од случувањата во Украина. Радосни сме и задоволни сме што заедно со амбасадорката Дир, Министерството за одбрана беше организатор на овој убав настан и им благодариме на сите оние добри луѓе кои ни се приклучија. Целта е да кажеме дека покрај политичката поддршка која што е несомнена и која што изминатиов период ја дававме и сè уште ја даваме и ќе ја даваме до крај на Украина, сепак се грижиме и за малите дечиња кои се тука во Република Северна Македонија“, рече министерката.

Република Северна Македонија, истакна Петровска, е нивен топол дом и изрази надеж дека тие уживаат во овие среќни новогодишни и божиќни празници, затоа што секое дете заслужува да биде среќно.

„Денес, чуда и добрина Украинците среќаваат во пријателската Северна Македонија, бидејќи нивните куќи во Украина се наоѓаат под постојано руско гранатирање. Северна Македонија ги засолни украинските деца од руската војна. А денес, Северна Македонија на тие деца им поклони празник. Благодарна сум ѝ на министерката за одбрана Славјанка Петровска, за ваквата благородна идеја за создавање на бајковито расположение, за подарување на впечатоци на децата“, рече амбасадорката Дир.

Ние сме солидарен народ и имаме големо срце. Знаеме да подадеме рака, ние сме топол народ кој е солидарен и гостопримлив, знаеме како е да се биде во неволја, знаеме да бидеме солидарни и тоа го покажавме пред цела Европа – тоа е пораката која ја пренесовме преку овој настан.

17.12.2022 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега