Петличковски: Стоката во Македонија е изложена на вирусот постојано, над 30 проценти од животните прележале конго-кримска хеморагична треска

 

 

По денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, претседателот проф. д-р Александар Петличковски истакна дека нема место за паника, оти конго-кримската хеморагична треска не е лесно пренослива болест од која треба да стравува општото население.

– Нема место за паника, се работи за болест за која што ние важиме за ендемско подрачје. Вирусот е присутен што е потврдено со неколку научни истражувања кои Факултетот за ветерина ги има направено. Она каде што можеме да делуваме се мерки, главно превентивни, убаво информирање на населението и на здравствените работници, на кој начин болеста се добива, размислување за оваа болест кога ќе има сомнителни случаи и брзо испраќање на сомнителните до институциите, до одделите за инфективна патологија и до Клиниката за инфективни болести. Тестови имаме доволно. Дополнителна количина се очекува да стигне. Терапијата која е со некаков ефект е достапна. Колку што може да е спремна една држава со ваква ендемска болест сме спремни. Нема потреба од плашење оваа болест не е болест што се пренесува лесно. Пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж кој е заразен со болест. Крлежи има многу, но не е секој крлеж заразен со вирус. Не се забранува на луѓето да излегуваат на отворено, но треба да бидат заштитени. Риболовците, ловците, сточарите се особено изложени на оваа опасност, како и здравствените работници треба да се заштитат при контакт со сомнителни случаи, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, проф. д-р Александар Петличковски.

Тој најави дека денеска е можно да стигне информација до Влада со која ќе се бара организирање на акциски план во кој ќе се направи проценка колку често овие крлежи ги има по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани ќе се направи дезинсекција која е клучната превентивна мерка за намалување на ризикот за појава на болест.

Како што изјави тој, се уште нема резултати од анализите од заловените крлежи. Треба да има што повеќе заловени крлежи за да може да биде идентификувано дали тие се заразени со вирусот.

– Од научните истражувања на Факултетот за ветерина, откриваме дека стоката, животните во Македонија, се изложени на вирусот постојано. Во тие истражувања над 30 проценти од различните стоки, говеда, овци, кози се со прележан, односно биле во контакт со вирусот. Но немаме информации за хоспитализирани случаи предизвикани од овој вирус. Вирусот е тука, но можно е поблагата варијанта да циркулира низ стоката, така што луѓето не стигнуваат до болница. Една од препораките е да направиме типизирање на варијантите кои циркулираат за да знаеме колку е ситуацијата опасна, додава Петличковски.

15.08.2023 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега