Пешев: Земјава е пред политичка промена, моментално нема индикатори за нов ценовен бран


Бизнисот е уверен дека земјава е пред политичка промена. Очекува поголема излезност на 8 мај, за време на парламентарните и вториот круг претседателски избори, а на новата влада и порачува - она што е договорено со стопанството пред изборите, доследно да се спроведе за да можат компаниите да го прилагодат своето функционирање на новите услови.

Како што изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во овој момент нема индикатори кои укажуваат на евентуален нов ценовен бран.

-Се наоѓаме пред политичка промена во управувањето со државата. Сигурно ќе има промени. Се радувам на тоа да видам какви ќе бидат првите потези на некоја нова влада ако се формира. Треба да не радува дека имавме мирен изборен ден. Излезноста не беше огромна, но, сепак, се работеше само за претседателски избори. Очекувам излезноста на 8 мај да биде поголема. Важно е дека сите позначајни политички партии беа во Стопанската комора, добро подготвени, со економски програми, некои подобри. Ги искомунициравме пред да дојдат на власт. За нас беше пријатно сознание дека сакаат да слушаат тоа што имаме да кажеме. Она што не сакаме да се повтори е - ништо да не видиме од тоа што сме го договориле, на пример, каде треба да биде упатен фокусот или што треба да се направаи промптно. Овојпат се надевам дека ќе биде таква добитната комбинација која ќе излезе од парламанетраните избори особено, зашто таа ни е посебно битна - она што сме го договориле, па макар и не било 100 отсто во интересите на економијата, да се спроведе доследно и да биде предвидливо за да можат компаниите да го прилагодат своето функционирање на новите услови, истакна Пешев, одговорајќи на новинарски прашања во врска со вчерашниот изборен ден.

За промените на цените на нафтата во светски рамки и можноста тие да повлечат евентуални нови поскапувања, Пешев смета дека засега нема индикатори кои говорат во тој правец. Тој и во оваа прилика напомена дека е многу побитно тоа што земјава се помалку произведува храна, а увозот се зголемува.

-Во овој момент нема индикатори кои говорат во тој правец. Битно е дека за разлика од минатите бранови, државните резерви на САД се на највисоки ниво. Македонија одмана го следи ритамот на пазарите во светот, но е небитен играч, а ионака објективно храната во изминатиот период се повеќе доаѓа од надвор и тоа е поклучно прашање. Македонија има се помалку производство , а се повеќе увоз на храна. Во тој сегмент, цената на нафтата би имала значење. Ако се работи за увоз на храна, тогаш ја делиме судбуната на регионот. Обично храната, дури лани доаѓаше од Египет, не верувам дека и оваа година, а се дистрибуираше низ целиот Балкан што е апсолутно генерален принцип на снабдување во регионот и мислам дека за ова новата влада ќе треба да направи доста, објасни Пешев.

Минатиот месец, пред почетокот на изборниот процес, Стопанската комора имаше средби со лидерите на најголемите партии. Ги слушна нивните економски програми и ветувања, но и уште еднаш ги повтори своите барања - отчет за секој потрошен денар, максимална реализација на капиталните инвестиции без пренамена на планираните средства, постигнување општ консензус за враќање на правната држава, за почитување на пазарните механизми, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата. 

25.04.2024 - 13:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега