Перински до Арсовска: Не ги отпуштајте стотината вработени, со пот го вадат лебот за фамилиите
Поранешниот директор на ЈП Водовод, Златко Перински пред малку преку социјалната мрежа „Фејсбук“ и се обрати на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, упатувајќи и порака да не ги отпушта стотината вработени, за кои, како што вели, со пот го вадат лебот за фамилиите.
„Ја повикувам градоначалничката на град Скопје, да не ги отпушта од работа стотината вработени во ЈП Водовод и канализација -Скопје, кои чесно и со пот вадат парче леб за своите фамилии, а се вработени со времени договори, една, две или повеќе години, односно дел од нив се наследени и од претходното раководство.
Во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во просториите на ЈП Водовод и канализација - Скопје, извршен е инспекциски надзор од страна на Државен инспекторат на труд, за кој има записник, дека се е кристално чисто и дека Водовод е институција каква што не постои во Македонија, каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените“, пишува Перински на Фејсбук.
Покрај записникот, на кој јасно пишува дека нема никаква забелешка, добивме и усна пофалба, додава поранешниот директор на ЈП Водовод.
„Исто така сакам да дадам целосна подршка на денешното соопштение, кое синдикатот (СУТКОЗ) при ССМ го пушти до јавноста, каде се бара од градоначалничката да се запре постапката, со која 100 фамилии ќе останат без парче леб и без егзистенција“, стои во ФБ објавата на Перински.
15.09.2022 - 20:23
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа