Пендаровски: Жалам што ги послушавме советите на ЕУ и не направивме ветинг на судиите и обвинителите
Проблемите во правосудството се присутни долги години наназад и се системски, односно структурни. Тие не се решаваат со неколку разрешувања или кадровски промени, туку со системски промени, оцени претседателот Стево Пендаровски.
-Станува збор за системски проблем и тој може да се реши или да се ублажи само со системски промени. Една од тие системски промени, е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг, подвлече претседателот Пендаровски говорејќи за владеењето на правото, во гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Во оваа насока, тој се осврна и на црната листа на САД, истакнувајќи дека таа придонесува за кревање на свеста кај политичките субјекти, особено кај оние кои се на власт од која било политичка провиниенција.
-Америка не е маргинална држава, туку е се уште најголемата светска велесила и без дилема не само затоа што имаме стратешки договор со нив од 2008 година, клучната држава која не туркаше и не дотурка до НАТО и сега, иако не е членка на Европската унија, не турка најмногу кон ЕУ. Не е сеедно што Америка мисли или не мисли за владеење на правото и на американската амбасадорка лично и реков дека треба да продолжат во таа насока, рече претседателот Пендаровски.
Прашан во контекст на процесот на промена на личните документи поради промената на уставното име на државата, тој предлага пролонгирање на рокот за нивно вадење.
-Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада - со брза интервенција во два закона, за лична карта и за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај. Тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закона, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, рече претседателот Пендаровски.
За тоа потребно е претходно да се известат и Грците дека, како што вели, немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа