Пендаровски: Сеќавањето на Холокаустот и борбата против антисемитизмот се историска и цивилизациска одговорност
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ја прими делегацијата на израелскиот Кнесет, предводена од Хамад Амар, претседател на Парламентарната група за пријателство и соработка помеѓу Израел и Северна Македонија, која престојува во посета на земјава по повод одбележувањето на 80- годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
Осврнувајќи се на претстојните комеморативни настани, на кои ќе се оддаде достојна почит за загубените животи на Евреите, претседателот посочи дека Северна Македонија ќе продолжи со своите заложби и политики за сеќавање на Холокаустот и борбата против антисемитизмот, како наша заедничка историска и цивилизациска одговорност, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете држави на сите полиња и од тој аспект беше посочена и улогата на еврејската заедница во Северна Македонија, за која соговорниците изразија уверување дека и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.
Претседателот Пендаровски се заблагодарил за приниципиелната израеска поддршка во изминатиот период и изрази подготвеност за унапредување на севкупната билатерална соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа