Патник среде лет поминал еден час заглавен во тоалетот

 

Патник на 105-минутниот лет на „Спајс џет“ бил заклучен во тоалетот на авионот повеќе од еден час бидејќи се расипала вратата за време на патувањето.

Мажот беше спасен во вторникот рано наутро кога авионот слета во индискиот град Бенгалуру, а авиокомпанијата „Спајс џет“ се извини велејќи дека жали за непријатноста.

„Во текот на патувањето нашиот екипаж му даде помош и насоки на патникот. По пристигнувањето, инженер ја отворил вратата од тоалетот, а патникот добил итна медицинска помош“, изјави портпаролот на „Спајс џет“ за Би-би-си додавајќи дека авиокомпанијата ќе обезбеди целосна рефундација за билетот.

Авиокомпанијата одби да даде дополнителни детали за патникот, но индискиот печат објави дека тој е во состојба на шок.

„Кутриот тој долетал од Мумбај во тоалетот“, изјавил за „Тајмс оф Индија“ неименуван службеник на аеродромот во Бенгалуру додавајќи дека екипажот на авионот постојано се обидувал да ја отвори вратата.

Според официјалниот претставник, стјуардесата потоа му рекла на патникот да не паничи и му дала инструкции да ги следи при слетувањето на авионот.

„Господине, се обидовме да ја отвориме вратата… Не паничете. Слетуваме за неколку минути, затоа спуштете го капакот од тоалетната школка, седнете на него и прицврстете се. Штом се отвори главната врата, ќе дојде инженерот“, се наведува во пораката.

Стотици домашни летови се одложени од неделата откако густата магла го зафати Делхи, дом на еден од најпрометните аеродроми во Индија.

Додека авиокомпаниите ја обвинуваат маглата за хаосот во воздушниот сообраќај, патниците тврдат дека тоа е резултат на несоодветната комуникација меѓу авиокомпаниите и аеродромите.

17.01.2024 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега