Партиски препукувања додека струмичани немаат вода за пиење

Додека струмичани немаат вода за пиење, власта и опозицијата решија да влезат во водите на партиските препукувања. Првиот човек на земјоделство, преку прес-конференција изрази подготвеност да му помогне на струмичкиот градоначаник. Трипуновски вели дека Владата била подготвена да испрати цистерни со вода за струмичани, како и да инвестира во одредени системи за подобрување на квалитетот на водата во фабрика која ја прочистува водата.

Костадинов пак, кој не одговори на телефонските повици на Сител, реши да му возврати на министерот преку социјалните мрежи. Таму пишува дека се собрале шест институции за да го срушат него.

„Искрено очекував дека денеска ќе се понуди решение за проблемот на брана Турија и ситуацијата со водата во брана Турија, наместо тоа тие со нов напад кон мене! Драга Струмицо, правам се што е возможно да ги донесам неспособниот министер да седне на маса и да даде одговор што понатаму, тој излезе на прес конференција во која секој втор збор е Костадинов, напиша на Фејсбук струмичкиот градоначалник.

И додека властите се препукуваат, струмичани и жителите од шест околни села како знаат и умеат се снаоѓаат да си обезбедат вода за пиење. Рафтовите со вода во маркетите се празни, а има и долги редици пред селските чешми.

Струмица се снабдува со вода од браната Турија, која е под надлежност на АД Водостопанство, како акционерско друштво во државна сопственост. Општината има изградено цевковод од каде водата се пренесува до фабриката за вода, по што надлежностите за снабдување на градот со вода, се на локалната самоуправа. Тимовите од храна и ветеринарство се влезени во фабриката која практично треба да прочистува водата која струмичани ја пијат. Моментално се земаат дополнителни мостри за анализи на водата. Трипуновски вели дека функционирањето на фабриката во минатото треба да ја истражи и Обвинителството.

Од јавното претпријатие  Комуналец како главен проблем го посочуваат ниското ниво на вода во Турија и зголеменото присуство на манган, поради кој филтер станицата не била во можност да ја преработи водата.

04.10.2024 - 20:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега