Пациентите на суспендираниот доктор Васев преземени од неговите колеги, за останатите осомничени доктори сеуште нема дисциплински мерки

Пациентите кои ги водеше ексдиректорот на Клиниката Нино Васев, се преземени од други лекари на Онкологија и нивното лекување продолжува непречено.

Останатите тројца осомничени доктори од Клиниката за онкологија продолжуваат со редовно извршување на работните задачи.

Засега за нив нема никакви дисциплински мерки.

„Од обвинителството официјално имаме добиено налог за еден доктор и по него се постапува. За други доктори немаме добиено никаква информација или налог. Клиниката функционира нормално, но медицинските тимови остануваат прекувремено. Пациентите кои беа кај докторот на кого му е изречена забрана се префрлени кај други доктори на клиниката и сакам да нагласам дека ги опслужуваме сите пациенти“, вели Виолета Клисарова, директорка на Клиниката за Онкологија.

Од лекарската комора информираат дека немаат добиено никаква официјална информација или доказ за скандалот на Онкологија од ниту една надлежна институција. Оттаму додаваат дека доколку добијат докази за кршење на етичкиот кодекс може да отворат постапка, но во спротивно ќе се чека исходот на судската постапка. Комората не може да изрече дисциплински мерки за отстранување од работното место.

„Лекарската комора може трајно или привремено да одземе лиценца ако има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија, како и ако со правосилна судска одлука се утврди дека докторот сторил кривично дело поврзано со вршењето на здравствената дејност. Привремено одземање на лиценцата може да настане и доколку настанала повреда на Кодексот на медицинската етика и деонтологија и тоа е утврдено во соодветна постапка од Судот на честа. Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот“, објаснуваат од Лекарска комора на РСМ

01.02.2024 - 18:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега