Пациентите избезумени дека ќе останат без исплата на боледувањата, Фондот за здравство четврти ден под сајбер-напад

 

Во недоумица како да постапуваат се и пациентите и лекарите по сајбер-нападот на Фондот за здравствено осигурување поради кој четири дена базата со податоци на осигурениците е недостапна.

Пациентите што се на боледувања се избезумени од можноста да не им бидат исплатени парите, а лекарите, пак, се чудат како ретроактивно ќе отвораат боледувања на нови пациенти оти од понеделникот системот е недостапен. Нефункционалноста остави отворени и други прашања за лекарите кои се жалат дека не добиле никакви насоки од Фондот за тоа како да постапуваат.

Од Фондот и денес не испратија листа на услуги, кои поради сајбер-нападот се недостапни за пациентите, а која „Макфакс“ ја бараше и вчера. Базата на податоци за осигурениците сè уште не е достапна. Од Фондот велат дека утврдиле што им е приоритет за враќање во функција.

„Експертските тимови работат 24/7 на справување со предизвиците и нивно отстранување во најбрз можен рок, приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите“, велат од Фондот.

Оттаму уверуваат дека корисниците на Фондот може да поднесуваат барања, подрачните единици во континуитет се задолжени да ги примаат барањата, а велат дека се достапни и на телефонските линии, кои се јавно достапни.

И денес Фондот повтори дека сајбер-нападот не го загрозил лекувањето на пациентите на клиниките и кај матичните лекари, се издаваат рецепти, а лековите се подигнуваат од аптеките без застој.

„Напречно функционираат и лекарските комисии со запазување на законски предвидените рокови во согласност со процената од страна на членовите на комисиите, кои може да бидат соодветно продолжени. Воедно, непречено се остваруваат и правата поврзани со итните ортопедски помагала“, велат од Фондот.

Дека се работи за сајбер-напад, Фондот призна откога три дена не беа достапни податоците за осигурениците. Сè дотогаш се обудваа јавноста да ја уверат дека се работи за технички проблем во серверите.

09.02.2023 - 16:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега