Отворена нова канцеларија за помош на жртви на семејно насилство во Ѓорче Петров
Во општина Ѓорче Петров е отворена нова канцеларија за психолошко советување и советување со социјален работник, како и бесплатна СОС линија 141-700, достапна за жени-жртви на семејно насилство.
Канцеларијата се наоѓа во просториите на Општина Ѓорче Петров, поточно на приземје и ќе биде отворена секој четврток од 10 до 14 часот за сите оние на кои им е потребна поддршка.
Како што соопштија од општинската прес-служба, канцеларијата ќе функционира во соработка со Националниот совет за родова рамноправност, со цел обезбедување на психолошка поддршка, правни совети и социјално советување за жртвите на семејно насилство и насилничко опкружување.
- По повод отворањето на канцеларијата, денеска беше одржана и стручна трибина на која беа претставени условите и можностите кои оваа канцеларија ги нуди, како и стручниот тим составен од психолог, правник и социолог. На трибината беше нагласена важноста од психолошката поддршка во процесот на соочување со стравот и излезот од насилничкото опкружување, се наведува во соопштението.
Од Општина Ѓорче Петров велат дека и понатаму активно ќе работат на подобрување на состојбите поврзани со било каков вид насилство, буллинг или други форми на злоупотреба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа