Османи за пасошите: Место да даваме лажна надеж дека ќе го смениме договорот од Преспа, да го забрзаме издавањето до 12 февруари

 

Давање лажна надеж на граѓаните и некоректно кон нив би било сега да им се испрати порака да бидат без грижа доколку имаат пасоши со старото име на државата и да чекаат да се направат измени во меѓународниот договор, смета министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој денес ги повика институциите да се организираат и до 12 февруари да се издадат колку што може повеќе пасоши, а решение за оние што ќе останат со несменети пасоши ќе се бара на 13 февруари.

„Договорот од Преспа е меѓународен договор. Јас мислам дека наместо да се концентрираме на давање лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од преспанскиот договор, дека ќе го смениме законот за спроведување на уставните амандмани, е да работиме граѓаните да немаат пречки по 13 февруари. Да се забрза издавањето пасоши, да почне налепниците да се лепат на регистарските таблички. Дајте да се организираме до 12 февруари да завршиме колку можеме повеќе. После на 13 ќе мислиме што останало како проблем и како тоа да го регулираме со грчката страна. Сметам дека некоректно е сега да им испратиме порака на граѓаните ‘седете вие без грижа затоа што ние ќе средиме и на крајот да им кажеме – не, не успеавме’. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните премини и на некој начин ние да сме причина за тоа“, рече министерот Османи.

Грчката страна, според министерот, има целосно разбирање за техничките аспекти од процесот. Разговарале за сите детали, вклучително и за тоа колку часови луѓето чекаат и зошто е тоа така. Осмеани вели дека и покрај разбирањето од грчката страна, очигледна е обврската од меѓународниот договор и таа останува.

„Ние се договоривме МНР, прво, да ги координира институциите и да биде во секојдневна комуникација со грчката страна, мојата порака е дајте до 12 да смениме колку што можеме повеќе пасоши“, рече министерот Османи и повика наместо иницијативи за одлагање, да имаме иницијативи за промена на документите.

Министерот извести дека имал средба со грчката амбасадорка, но имал и меѓуинституционална координација во МНР со претставници од МВР и од Министерството за транспорт за да ги разгледаат сите предизвици што може да се јават по 12 февруари.

„Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните, ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да им ги средиме документите на граѓаните. Државата треба да ги направи тие напори, па ако треба и да ги компензира граѓаните што во овој период треба да ги сменат личните документи“, вели министерот Османи.

На можноста за еден ден да се смени договорот до Грција и да се пролонгира рокот за новите пасоши до септември укажа претседателот Стево Пендаровски минатата недела. Премиерот Димитар Ковачевски преку медиумите му порача тој да се слушне со претседателката на Грција оти и на тоа ниво може да се реши проблемот, но ниту претседателот ниту премиерот не стапи во контакт со грчката страна, туку оставија обврската да ја заврши Министерството за надворешни работи.

17.01.2024 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега