Османи за МИА: Преку енергетската соработка со Грција значително се зголемува и општата соработка меѓу двете земји

 

 

Се гледа една значителна трансформација на позитива во односите помеѓу Северна Македонија и Грција што е особено важно во овој геополитички контекст кога е потребно да се направи диверзификација на изворите на енергија, истакна министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи во разговор со дописничката на МИА од Атина и додаде дека преку енергетската соработка со Грција значително се зголемува и општата соработка меѓу двете земји, за која вели дека е одлична.

За време на еднодневната работна посета на Атина, Османи, освен со неговиот грчки колега  Никос Дендиас, се сретна и со министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас, а потенцира дека во изминатиот период „енергетската состојба е влезена сериозно во разговорите на министрите за надворешни работи и станува сè поважна тема во надворешната политика“.

-Се сретнав со министерот за енергетика прво да се заблагодарам за поддршката што ја добивме и ја добиваме од Република Грција, за соработката што ја интензивираме, но и да ги охрабрам дека преку енергетската соработка всушност значително се зголемува општата соработка помеѓу двете земји која што морам да кажам дека е одлична, вели Османи.

Со Скрекас разговарале  за повеќе теми кои што всушност се заеднички проекти, а се осврнале и на договорот меѓу премиерите на двете земји Грција да ја снабдува Северна Македонија со лигнит, јаглен и мазут.

-Прво, во однос на ова што го прашавте за разговорот меѓу двајцата премиери за поддршката со лигнити, ме информираше министерот дека веќе првите камиони влегуваат во Северна Македонија да го донесат потребниот лигнит за создавање на електрична енергија. Јас го информирав дека вчера на седница на Влада беше одобрен договорот за резервирање на капацитети за гас во рамките на договорот во однос на изградбата на интерконекторот, го информирав дека веќе процедурите се забрзуваат, дека очекуваме, во прашање се недели, НЕР да ги почне процедурите за избор на компанија која што ќе го гради интерконекторот што е од особено значење, а се разбира и за нашата инвестиција во ЛНГ терминалот во Александруполи, рече Османи за МИА.

Дополнително, станало збор и за грчките планирани инвестиции и учества во нашите хидро потенцијали и гасни централи, како и за регионалните проекти на Грција со Израел Египет и останатите држави од блискиот Исток за да се поврзе и да се снабди цела Европа, за кои министерот вели дека имаме и ние интерес во овие регионални проекти.

-Така да, сè на сè, се гледа една значителна трансформација на позитива во односите помеѓу Северна Македонија и Грција што е особено важно во овој геополитички контекст кога е потребно да се направи диверзификација на изворите на енергија да се гарантира постојано снабдување, се разбира да се влијае на цените кое потоа ќе влијае на стандардот на граѓаните, истакна министерот.

На средбата во Министерството за надворешни работи на Грција, една од темите за кои разговараа шефовите на двете дипломатии беше и претседавањето со ОБСЕ, за кое Дендиас му упати честитки на Османи, посака успех, но исто така изрази убеденост дека ќе биде успешно и „Северна Македонија ќе направи најдобро што може“, паралелно повторувајќи ја и грчката поддршка.

Османи за МИА вели дека го информирал грчкиот министер за нашите приоритети но и за да ги чуе размислувања и очекувањата на другата страна и „како ќе соработуваме за да ги постигнеме целите на организацијата“.

15.12.2022 - 19:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега