Османи – Лимински: Се интензивира бизнис соработката со Северна Рајна-Вестфалија

 

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше средба со министерот за сојузни, европски и меѓународни работи и медиуми на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински.

На средбата, Османи ја поздрави одличната соработка со најголемата германска сојузна покраина, која се официјализираше со потпишувањето на Заедничката декларација за соработка меѓу Владите на Република Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија, февруари 2021 година, а која ја збогатува севкупна билатерална соработка и пријателските врски со Германија, соопшти МНР.

Министерот Османи подвлече дека економската соработка со оваа покраина, која е седиште на бројни водечки индустриски и бизнис капацитети, има значаен удел во севкупната економска соработка со СР Германија и се одвива во нагорна линија со акцент на присуство на компаниите како Гересхајмер, Костал Груп Кромберг и Шуберт на нашиот пазар.

- Интензивната програмска соработка со Северна Рајна Вестфалија е од особено значење и истата високо ја цениме имајќи ја предвид нејзината цел, преку модернизација на домашните економски структури, да се спротивстави на миграцискиот притисок , истакна Османи.

 Министерот Лимински изрази задоволство од досегашната соработка со уверување дека ќе се интензивира како на политички, така и на економски план посебно со веќе воспоставената бизнис соработка и фирмите кои успешно работаат во Северна Македонија. Посебно го истакна проектот за обука на 30-те млади студенти, клучен во нивното профилирање како професионалци во иднина, со што своето искуство ќе го пренесат во Северна Македонија и ќе станат мост за соработка меѓу економиите на двете земји. 

Лимински ја реафирмираше поддршката за забрзување преговорите на Северна Македонија со Европската унија и усвојувањето на уставните измени во најскоро време, за да може земјата  да започне со отворање на поглавјата во процесот на преговорите со ЕУ. 

Министрите разменија мислења и за новата геополитичка реалност, нашето претседавање со ОБСЕ, актуелните политички случувања и безбедносните предизвици во регионот на Југоисточна Европа, како и други прашања од доменот на надворешната и безбедносна политика, се вели во соопштението од МНР.

20.03.2023 - 16:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа