Османи: ЕУ во декември ќе носи историски одлуки, дали ќе бидеме спремни за тоа, сега е во рацете на пратениците

 

Темата на Состанокот ЕУ - Западен Балкан што ќе се одржи попладнево во Брисел со кој ќе претседава високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел, а на кој се поканети министрите за надворешни работи од регионот е поврзана со случувањата на Блискиот Исток и во Украина. Во тој дел МНР има јасен став. Мислам дека во Извештајот на ЕК најдобро рангирана беше надворешната политика, бидејќи имаме целосна стопроцентна усогласеност и беше квалификувано со највисока оценка - добар прогрес, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој денеска на новинарско прашање потврди дека нема да присустува на состанокот во Брисел поради, како што рече, важните состаноци во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ што се одржуваат во Скопје денеска и утре, а на кои присуствуваат амбасадори на членките на ОБСЕ и генералната секретарка на Организација Хелга Шмид. На состанокот, додаде, Османи од МНР ќе присуствува заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаку.

Во однос на очекувањата од денешниот состанок, тој посочи дека станува збор за редовен состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој, овој пат се поканети и министрите за надворешни работи, каде што очекува да се отвараат повеќе прашања вклучувајќи го и проширувањето и Планот за раст за Западен Балкан.

-Прашањето на планот за раст, кој што го обајви ЕК јасно дефинира - од сега па натаму е овозможено пристап во Унијата и пред членството. Тоа е нешто што ние сами го баравме и го промовиравме како повеќе интеграција пред членство во седум области од заедничкиот пазар и средства за помагање на реформите ќе може да се обезбедат пред самото членство. Така што мислам дека ова е добар пристап на ЕК кој што ние го промовиравме и го поддржуваме. Се разбира дека декември ќе биде историски за ЕУ, поради одлуките што треба да се донесат за Украина, за Молдавија, се разбира и за Западен Балкан. Дали ние ќе бидеме спремни за таква историска одлука, сега е во рацете, за жал, на пратениците, рече Османи во изјава за новинарите кој во својство на претседавач со ОБСЕ денеска во Скопје го отвори состанокот на Експертската мрежа на ОБСЕ – Стратегиско предвидување во променлива средина: Перспективи за соработка и безбедност во Европа – Градење на експертска мрежа на ОБСЕ“..

Шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на ЕУ денеска попладне ќе одржат министерски состанок под претседателство на високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Борел. Целта на Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан е дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со земјите од регионот, со акцент на заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот во контекст на геополитичките предизвици во европското соседство. 

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел, денеска изјави дека на проширен состанок со министрите на земјите од Западен Балкан ќе разговара за неодамна усвоениот извештај на Европската комисија за проширувањето. Во изјава за новинарите пред министерскиот состанок тој изјави дека ЕУ покажала колку тој регион и е важен.

-Ќе разговараме за неодамнешниот извештај на Комисијата за проширување, ќе инсистираме на потребата од усогласување на политиките бидејќи некои земји не го сторија тоа, а денес ќе има целосна програма, рече Борел.

Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан се одржува по завршувањето на првиот ден од заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата, на чија агенда се расправа за ситуацијата во Израел, Појасот Газа и регионот на Блискиот Исток, руската агресија врз Украина, случувањата во односите на Ерменија и Азербејџан, како и за надворешно политичка димензија на економската безбедност. 

13.11.2023 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега