Оланд: Путин не е луд, туку е радикално рационален
Поранешниот француски претседател, Франсоа Оланд, смета дека рускиот претседател Владимир Путин не е луд, туку радикално рационален лидер, кој е убеден дека западните земји ќе се изморат од испраќање помош за Украина и дека преговорите ќе донесат крај на конфликтот, кој ќе биде поволен за Русија.
Оланд беше претседател од 2012 до 2017 година и има големо искуство од прва рака со Путин.
„Тој (Путин) е радикално рационална личност или рационално радикална личност, што сакате. Тој има свое мислење во рамките на кое е подготвен да употреби сила“, изјави поранешниот француски лидер за „Политико“.
Пред одбележувањето една година од руската инвазија на Украина, која почна на 24 февруари, Оланд додаде дека Путин ќе се обиде да ги „консолидира своите успеси со цел да го стабилизира конфликтот надевајќи се дека јавноста ќе се замори и дека Европејците ќе се плашат од ескалација сè со цел во таа фаза од војната да се спомене можноста за преговори“.
Оланд смета и дека овој пат улогата на посредник кај Путин ќе падне на Кина или Турција.
Оланд беше еден од најнепопуларните француски претседатели додека беше на функцијата, со ниски едноцифрени рејтинзи. Но, сега тој е вториот најпопуларен политичар, пет места пред Макрон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа