Официјално: Манчестер Сити и Челзи се повлекоа од Суперлига

Манчестер Сити и Челзи, две од шесте англиски екипи, кои застанаа зад новоформираната Супер лига, нема да бидат дел од новото натпреварување, објавија вечерва повеќе британски медиуми.

Британскиот сервис Би Би Си објави дека Манчестер Сити официјално се повлекол од Супер лигата, а следен што ќе го направи истиот чекор ќе биде Челзи.

Двата премиерлигаши одлуката за повлекување од Супер лигата ја донеле под притисок на јавноста и незадоволството на своите навивачи.

Паралелно со ова, „Скај спорт“ јави вечерва дека извршниот потпретседател на Манчестер Јунајтед, Ед Вудворд поднел оставка под притисок на навивачите.

Челзи и двата премиерлигаша од Манчестер се меѓу шесте англиски екипи, заедно со Тотенхем, Ливерпул и Арсенал, кои поддржаа формирање Супер лига.

Незадоволни од одлуката за учество на нивниот клуб во новото натпреварување од затворен тип, околу 1.000 навивачи на Челзи протестираа вечерва пред стадионот „Стемфорд бриџ“ пред премиерлигашкиот натпревар против Барнли.

Британските медиуми јавија дека сопственикот на Челзи, Роман Абрамовиќ и клупското раководство одлуката да се повлечат од Супер лигата ја донеле пред да започне навивачкиот протест.

По најавите дека Челзи се повлекува од новото натпреварување, Манчестер Сити прв направи конкретен чекор и се откажа од настап во Супер лигата. На ова претходеше прес-конференција на тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, кој ја критикуваше Супер лигата, оценувајќи дека концептот на новото натпреварување нема никаква врска со спортот.

Одлуката за формирање Супер лига, зад која покрај шесте англиски екипи застанаа и Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона, Јувентус, Интер и Милан, беше обелоденета во неделата вечер.

УЕФА и ФИФА возвратија со жестоки критики и најавија ригорозни санкции. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.04.2021 - 23:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега