Официјално: Македонија ја издаде осмата еврообврзница

Државата денеска ја издаде осмата еврообврзница.

-Еврообврзницата е во вредност од 700 милиони евра со рочност од седум години и е издадена по историски најниска каматна стапка од 1,625%. Ќе се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра, соопшти Министерството за финансии.

Како што велат од Финансии, станува збор за исклучително поволна каматна стапка која е резултат на прудентните макроекономски политики и зачуваниот кредитен рејтинг на земјата.

-Задржувањето на кредитниот рејтинг, а со тоа и довербата на инвеститорите, се должи на преземените политики и четирите пакети мерки за соочување со ефектите од кризата. Високата доверба на инвеститорите се манифестира и преку големиот број на инвеститори кои беа заинтересирани за купување на еврообврзницата, односно над 130 инвеститори сакаа да запишат двојно повисок износ од понудениот или побарувачката беше над 1,6 милијарди евра. Како што беше наведено и при донесувањето на Буџетот за 2021 година, со средствата обезбедени од емисијата на оваа еврообврзница ќе се изврши отплата на надворешниот долг, односно на еврообврзницата издадена во 2014 година која доспева за враќање годинава. Остатокот ќе се искористи за финансирање на дел од буџетскиот дефицит. Еврообврзницата од 2014 година е во износ од 500 милиони евра и беше издадена по каматна стапка од 3,975%, што значи дека сега каматата е за 2,35 процентни поени пониска, наведуваат од МФ..

Земјава претходно има седум пати излезено на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзници: во 2005 година со камата од 4,625%, во 2009 со камата од 9,875%, во 2014 со камата од 3,975%, во 2015 со камата од 4,875%, во 2015 година со камата од 5,625%, во 2018 година со камата 2,75% и 2020 со камата од 3,675%.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.03.2021 - 19:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега