Одморот во Грција оваа година поскап - цените на храната и пијалаците во маркетите, рестораните и кафулињата се повисоки

 

Грција е преплавена со туристи, но оваа сезона цените на храната и пијалаците во маркетите, рестораните и во кафулињата се малку повисоки од минатата година.

Цените на овошјето и зеленчукот на пазарите во Лептокарија се генерално слични на македонските, па доматите, краставиците и кромидот може да се најдат за само едно евро за килограм, а компирите и тиквичките за помалку од едно евро.

Лубеницата може да се купи за цена од 0,6 евра за килограм, дињите за 1,50 евро, а вишните за 1,90 евро. Лимоните се две евра, кајсиите и јаболката од 1,50 евро па нагоре, а праските од 2,50 до 2,75 евра.

Цената на грчкото кафе во повеќето кафулиња и ресторани се движи од 1,80 до 2,50 евра, еспресото и капучиното се меѓу 2 и 3 евра, а нес-кафето е околу 3 евра. Најниската цена за половина литар пиво е четири евра, за толку може да се испие и чаша вино, а за жестоки пијалаци треба да потрошите најмалку пет евра.

Лежалките и чадорите во сопственост на кафулињата се бесплатни доколку нарачате пијалак, а во некои од нив оваа поволност можете да ја користите цел ден. Некои кафулиња имаат правило дека не мора да плаќате за лежалка и чадор ако нарачате една пијачка наутро, а друга попладне.

Во супермаркетите шише вода од 1,5 литар чини меѓу 0,3 и 0,5 евра, а пакување од шест шишиња чини 1,70 евро. Најевтиниот леб може да се купи за 0,9 евра, литар млеко е од 1,8 до 3,5 евра, а цената на јајцата е меѓу 0,23 и 0,45 евра за парче. Цената на сирењето е од 6 до 15 евра за килограм, маслинките од 4,50 до 7 евра, а литар маслиново масло од 13 до 17 евра.

Просечната цена на една порција лигњи во рестораните е околу десет евра, иста цена како пилешко и свинско сувлаки, како и свински стек и пилешко филе. Цената на тестенините се движи од пет до десет евра, а пиците од 4,5 до 11 евра.

Омилената храна на туристите кои летуваат во Грција е гирото, а на почетокот на летото пита со гиро чини меѓу 3,80 и 4 евра, а порцијата во ресторан е до 10 евра. За оние што сакаат да јадат нешто од нога има и хот-дог, кој чини од 2,50 до 3,50 евра.

Топка сладолед чини две евра, за две топки треба да платите 3,50 евра, а за три 4,50 евра.

18.06.2024 - 15:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега