Одложено рочиштето за завршни зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

 

 

За 10 мај се одложи денешното рочиште во Основниот суд во Тетово на кое требаше да се одржат завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривична дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. До одложувањето дојде поради отсуство на еден од обвинетите, тогашниот директор Флорим Бесими.

Неговиот адвокат кој беше присутен образложи дека Бесими поради здравствени причини не може да присуствува на судењето.

-Клиентот ме информираше дека има температура и треска и затоа барам одложување, истакна адвокатот.

Судијата Јордан Велковски наредното рочиште го закажа за 10 мај во 10 часот.

Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани пред речиси три недели односно на 6 април.

Минатото рочиште по завршување на сведочењата, судијата Јордан Велковски ги праша адвокатите, дали обвинетите ќе даваат исказ, на што бранителите одговорија дека обвинетите нема да даваат свој исказ. 

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се терети за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. 

 

Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

25.04.2023 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега