Одложен изборот на нов претседател на Судскиот совет
По два часа убедување и расправа зад затворени врати, од која ечеше Судскиот совет за изборот на нов претседател откога вчера од таа функција беше разрешена Весна Дамева, на иницијатива на потпретседателот Селим Адеми, седницата на која ќе се избира нов претседател се одложи за 2 мај.
Потпретседателот Адеми рече дека предлогот за одложување го дава поради отсуство на еден од членовите.
„Дебатираме за избор на претседател на Судскиот совет, кој има 13 челна, и добро е таа одлука да се донесе во полн состав. Еден член не е присутен од оправдани причини и подобро е седницата да се одложи за 2 до 5 дена“, рече потпретседателот Адеми.
На овој негов предлог забелешки имаше разрешената Дамева. Нејзиниот став беше дека седницата треба да се одржи.
„Од 11 до 13 часот не беше доволно, но се надевам дека во наредите два дена ќе има време за потребното мнозинство. Непријатно ми е што ова се случува. Нарушени се нашето однесување и постапување понатаму. Иако, морам да бидам искрена, очекував дека ќе имате мнозинство, но ќе оставиме уште два дена да видиме дали вашето разрешување, без никаква постапка, ќе се легализира. Требаше да нè заштитите како заменик-претседател и одговорен претседавач на оваа седница од сите влијанија и притисоци. Ставот на секој судија и член е овде и сега, ако некој нема став, тогаш не сме на ниво на задачата да бидеме дел од ова тело. Што ќе се смени за два-три дена? Седницата беше закажана вчера“, рече Дамева.
Потпретседателот Адеми, по ваквите забелешки на Дамева, ѝ советуваше по завршување на седницата да одржи прес-конференција и да ѝ каже на јавноста сè што има.
„Ве слушавме, многу зборувате во наводници. По одлагање на седницата, одржете прес и кажете дали јас, Селим Адеми, сум Ви извршил притисок Вам или на некој друг. Нема да се впуштаме во дебата, вчера расправавме пет часа“, рече Адеми.
И покрај забелешките од Дамева со осум гласа „за“ и четири „против“, Судскиот совет го прифати предлогот на 2 мај да се одржи седницата за избор на нов претседател.
На дофрлањата дека работи незаконски по одлагањето на седницата, Адеми кусо одговори дека има институцијата која може да реагира ако Судскиот совет носи незаконски одлуки и си замина.
Во ист состав, со еден член помалку, Судскиот совет вчера ја разреши Дамева од функцијата, но денес седницата ја одложи со образложение дека не се во полн состав, а ќе се расправа за претседател на телото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа