Од утре субвенции до 300 евра за вградување плин во автомобилите
Министерството за економија, согласно зелената агенда утре ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, информира на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Според огласот, како што појасни Бектеши, сите граѓани кои од утре ќе вградат ваков вид уред во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата за вградување на плински уред, но не повеќе од 18 илјади денари, односи 300 евра. За оваа мерка од Буџетот на Министерството предвидени се 11 милиони денари.
– За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму треба да извршат купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавувањето на јавниот повик во некои од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди. Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката, објаснува Бектеши.
Во МВР, на сопственикот ќе му се издаде упатница која треба да ја достави до техничката служба за да биде направена проверка на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред и пропратно писмо. Со потврдата и писмото сопственикот се упатува на шалтер на МВР каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката, односно дека е монитиран уред за погон на ТНГ, метан или слично.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа