Обвинителот бара 20 години затвор за Навални: Рускиот опозиционер е во затвор за повеќе обвиненија

 

 

Рускиот државен обвинител бара опозицискиот политичар Алексеј Навални да биде осуден на 20 години затвор за формирање екстремистичка организација.

„Државниот обвинител побара Навални да биде прогласен за виновен според Дел 3 од член 282.1 од Кривичниот законик на Руската Федерација (основање екстремистичка заедница и учество во неа), како и за финансирање екстремистички активности, јавни повици за екстремистички активности и побара тој да биде осуден на казна затвор од 20 години“, се вели во соопштението на судот.

Адвокатот на Навални, Олга Михаилова, изјави дека судот донел одлука да ја објави пресудата на 4 август годинава, пренесува ТАСС. Навални отслужува вкупно 11,5 години во казнената колонија ИК-6 во Мелехов, околу 235 километри источно од Москва, поради измама и други обвиненија.

Неговите поддржувачи ја обвинија Москва дека се обидува да го скрши за да ја замолчи неговата критика кон рускиот претседател, што Кремљ го негира.

Тие, исто така, ги обвинија затворските власти дека не му пружиле на Навални соодветна медицинска нега и изразија загриженост за неговото здравје. Од престојот во затвор, опозицискиот политичар поднесе бројни жалби против казнената колонија, а сите беа одбиени.

20.07.2023 - 20:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега