ОБСЕ има план од девет точки за смирување на тензиите во северно Косово

 

 

Косовската канцеларија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објави план од девет точки за деескалација на тензиите на северот на Косово и враќање на двете страни на преговарачка маса за нормализирање на односите во услови на намалена доверба во ЕУ, пренесува „Еурактив“.

Планот има цел постигнување траен мир и стабилност на северот од Косово и враќање на косовските Срби во тамошните демократски институции и процеси.

ОБСЕ, прво, ги повикува Косово и Србија да ја потврдат својата посветеност на претходните договори направени како дел од тековниот дијалог предводен од ЕУ, вклучително и охридскиот протокол.

Интересно е инсистирањето на договорите со оглед на тоа дека Косово сè уште не ја формира заедницата на српските општини (ЗСО) за која вели дека е неуставна, а Србија продолжува да лобира против признавањето на Косово и неговото членство во меѓународните организации и да се меша во косовските избори.

Второ, Косово треба да ги повлече специјалните полициски сили, кои беа присутни во регионот за да го одржуваат редот, а Србија треба да ја намали борбената готовност на вооружените сили, кои беа ставени во готовност пред десет дена.

Трето, на косовската полиција, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, треба да ѝ се овозможи целосно да се грижи за редот и безбедноста на земјата.

Четврто, ОБСЕ бара да се прекинат протестите за општинските служби да се стават во функција за нормално функционирање на општествениот живот, а во исто време на вработените треба да им се овозможи пристап до општините.

Во точката пет се вели дека неодамна избраните албански градоначалници треба да поднесат оставки до летово, со што се отвора патот за предвремени општински избори, кои, според точката шест, треба да се одржат годинава.

Во седмата точка се посочува дека ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес преку техничка поддршка на косовските власти, кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи го легитимитетот и довербата меѓу заедниците.

Според точката осум, ОБСЕ ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување, а според точката девет, ОБСЕ ќе го поддржи спроведувањето на договорените одредби во рамките на тековниот дијалог.

Ова е првиот формален и јавно достапен акциски план за да се поправи ситуацијата на северот од Косово.

Поранешната министерка за надворешни работи, Мелиза Харадинај, неодамна изјави дека ЕУ го изгубила својот кредибилитет и дека САД треба да го преземат водството во тековниот дијалог со Србија.

Харадинај отиде дотаму што сугерира дека Косово треба да направи стратешка ревизија на своето учество во дијалогот со ЕУ и на тоа како ЕУ го третира Косово во споредба со Србија.

„Косово не треба да биде заложник поради структурните и политичките прашања на ЕУ за да се постигне траен мир и заемно признавање. Веќе не гледам смисла Косово да учествува во дијалогот предводен од ЕУ, така што ова може да се постигне со посредство на САД бидејќи САД ги признаваат и Косово и Србија како држави, и тоа се непристрасни“, истакна таа.

06.06.2023 - 23:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега