Нуредини: Општините се должни да го „чистат“ воздухот, а не Министерството за животна средина

 

Општините се должни да ги спроведуваат мерките за заштита на квалитетот на воздухот, а не Министерството за животна средина, но истовремено, сите како поединци сме одговорни за воздухот со изборот на тоа со какво гориво ќе ги греме домовите и јавните објекти, какви возила ќе возиме итн, објасни денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференцијата на која го презентираше буџетот за 2023 година. На новинарско прашање дека граѓаните се уморни од проекти, студии, ветувања, планови за гасификација и слично и дека е потребно нешто итно да се превземе за да се намали енормното аерозагадување во сите градови Нуредини рече дека ние имаме историски проблем со загадувањето на воздухот и дека досегашните инвестиции во животната средина со децении наназад биле ниски, а за заштитата на околината треба многу пари.

– Загадувањето на воздухот како прво потекнува од тоа како ги грееме домовите и јавните објекти. Ние инвестираме во оваа област и загадувањето од година во година по малку се намалива, но факт е дека имаме загадување. Не знам и не сакам да дебатирам дали сме први или не во светот, но вистина е дека имаме проблем со загадувањето и затоа ние како влада го менуваме греењето во болниците, градинките, училиштата, полициските станици итн, а истовремено даваме субвенции и на граѓаните за да одберат еколошки начин на греење. Во оваа област најголемото и конечно решение ќе биде гасификацијата, ако грееме со гас, како и ако ја зголемиме топлификациската мрежа за што повеќе домови да добијат централно греење. Тоа е клучот. Ако продолжиме да грееме со биомаса, ќе имаме и загадување, затоа што греењето на овој начин придонесува до 45 отсто во загадувањето на воздухот. Но, исто така, во печките дома граѓаните да не ставаат канцерогени материјали – вели Нуредини.

По греењето втор фактор се возилата во сообраќајот, а за жал, додаде министерот, кај нас возилата се просечно стари по 20 години. Трет фактор е градежништвото, а четврт индустријата, каде мора да има редовни контроли.

Министерот Нуредини е категоричен дека не Министерството за животна средина, туку општините се должни да имаат донесени оперативни планови за заштита на воздухот и дека тие се надлежни да ги спроведат мерките што се пропишани во тие планови и за подобрување на квалитетот и за дејствување при епизоди со зголемено аерозагадување. Тие како Министерство се должни да ги информираат општините кога е зголемено загадувањето, за што имаат државни мерни станици.

27.12.2022 - 13:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега