Нуредини: Ги подигнуваме стандардите за управување со отпад, одржување на чиста и здрава животна средина и грижа за здравјето на граѓаните

 

“Воспоставување на регионален систем за управување со отпад значи директна помош на општините од сите региони. Обезбедуваме финансиски средства со кои ги подигнуваме стандардите за управување со отпад, одржување на чиста и здрава животна средина, а со тоа и грижа за потребите и здравјето на граѓаните. Новиот пристап ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и ЕУ законодавство за депонии. Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад. Дополнително, ќе работиме и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес”, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешното потпишување на договорот за заем меѓу Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој за изградба на регионални системи за управување со отпад во сите пет плански региони.

Обезбедените средства се планирани за воспоставување и развој на регионален систем за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион, а вкупниот износ на заемот од ЕБОР наменет за реализација на овој значаен проект е 55 милиони евра, директна помош на општините од овие региони.

Ова, според Нуредини е долгоочекуван процес на имплементација на Регионалниот проект за управување со цврст отпад според европските стандарди, процес што бара големи финансиски средства и во исто време треба да биде достапен за домаќинствата и правните лица.

“Конечно, по 31 година независност, Северна Македонија сериозно инвестира во изградба на инфраструктура за управување со отпад според европските стандарди, што ја потврдува нашата посветеност како Влада и Министерство за реализација на зелената агенда на земјата. Дополнително, управувањето со отпадот во согласност со пропишаните стандарди на ЕУ ќе обезбеди имплементација на принципите на циркуларната економија во земјата”, дополнува министерот Нуредини.

17.01.2023 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега