Делегација на ГШ на Армијата на Унгарија во посета на Македонија
Во дводневна официјална посета на Македонија и АРМ од денеска престојува делегација на Армијата на Унгарија предводена од началникот на Генералштабот на унгарските вооружени сили, генерал Тибор Бенко.
Домаќинот на делегацијата, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески ја истакна одличната соработка на двете армии и нагласи дека таа може да се проширува и во други области.
- Разговаравме за проширување на воено техничката соработка, за упатување на наши припадници од медицинскиот воен центар за обука во Воената болница на Унгарија која е призната како НАТО центар за обука на медицински персонал. Разговаравме и за можноста за користење на Ценарот за обука на пилоти во Македонија од страна на припадниците на Армијата на Република Унгарија, истакна Котески.
Тој ја нагласи важноста за идна соработка и размена на искуства со Армијата на Унгарија во делот на меѓународните мировните операции поттикнати од актуелните случувања во Европа и на блискиот исток.
Котески се заблагодари на Унгарија за, како што кажа, несебичната поддршка кон АРМ во остварувањето на нашата цел, членството во НАТО.
Унгарскиот генерал Бенко ја нагласи важноста за соработката со АРМ и посочи дека Македонија со учетвото во меѓународните мисии стекнува големо искуство и дека многу добро го знае патот до членство во НАТО.
- Во НАТО и ЕУ постои еден термин „паметна одбрана е здружување на средтсвата“. Центарот за обука за пилоти кој го имате вие претставува еден добар пример за тоа како можеме да ги споделуваме нашите способности и капацитети, истакна Бенко.
Нагласи дека Унгарија дава максимална поддршка за влегување на Македонија во НАТО и ЕУ.
За време на претстојот во МО и ГШ на АРМ, Генерал Бенко се сретна и со министерот за одбрана Зоран Јолески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа