Заев упорен да се поништи волјата на 635.000 гласачи
Блефирашe ли лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, појавувајќи се во Kлубот на пратениците да преговара за, како што самиот вели, доброто на државата и граѓаните, иако ден претходно го дозна ставот на својот соперник дека се можни разговори за сите отворени прашања, но не и за техничка влада?
Ваква дилема ја отвори дневниот весник Дневник откако Заев по речиси еден и полчасовната средба излезе и кажа дека без прифаќање на барањето за техничка влада, нема зошто да се разговара за другите прашања, бидејќи, како што рече, тие се „лесни за преговарање“. Токму „прашањата лесни за преговори“: присуство на опозицијата на јавниот сервис, медиумска регулација за владините реклами, нови правила во Изборниот законик, прочистување на Избирачкиот список по спроведен попис, Заев и СДСМ ги наведуваа како клучни за „враќање на демократијата, фер и демократски избори и легитимна власт“.
Заев од Kлубот на пратениците си замина како песимист, за веднаш потоа како да подотвори „прозорец“.
- Апсолутно не сум оптимист за идни преговори, наш приоритет е техничка влада. Другите точки, за кои знаете дека се полесни за преговори, во таков случај се беспредметни за отворање... Опозицијата нема намера да води гол инает. Подготвени сме да водиме преговори и разговори и затоа сме овде. Ако власта е подготвена за тоа, вклучително и за техничка влада, деталите секогаш може да се допрецизираат - рече тој.
Груевски, пак, најави дека идните чекори за надминување на проблемот со опозицијата ќе бидат разгледувани во партијата, а потоа ќе се изјасни. Тоа што не го исклучуваат познавачи од двете партии е дека, сепак, до крајот на летото можни се нови средби на ниво на лидери, потоа на пониско партиско ниво или законски решенија што ќе ги понуди ВМРО-ДПМНЕ согласно барањата на СДСМ за да се надмине проблемот, а политичкиот дијалог да се врати во институциите.
Целиот текст прочитајте го на Дневник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа