Компаниите неинформирани за можностите за вработување лица со попреченост

 

Поголемиот дел од компаниите не се свесни за потенцијалите за вработување на лицата со попреченост и не се информирани за бенефициите кои ги нуди Законот за вработување инвалидни лица. Ова денеска го изјави Никица Кусиникова, извршен директор на здружението Конект, презентирајќи ги резултатите од истражувањето за вработување на лицата со попреченост во приватниот сектор, спроведено од здружението Конект.

 - Првиот чекор кој треба да се преземе е фокусиран и координиран пристап на институциите и граѓанските организации за информирање на бизнис заедницата и подигнување на јавната свест за способностите на лицата со попреченост, рече Кусиникова за истражувањето за вработување лица со попреченост.

Лидија Дамческа, проектен менаџер на Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост,  информира дека проектот се залага за обезбедување еднакви можности за лицата со попреченост, како и за сите останати лица. - Со ова истражување добивме релевантни информации за предизвиците и пречките со кои се соочуваат компаниите при процесот на вработување на лицата со попреченост за соодветно да ги насочиме нашите идни активности, изјави  Дамческа.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Наменет е за лицата со попреченост од полошкиот, скопскиот и северо-источниот регион од Македонија и е имплементиран од „Моја кариера” во Скопје, во партнерство со „Хендимак” во Тетово и „Порака наша” во Куманово. Досега, преку Проектот, се обучени 239 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 130 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост, а вработени се 61 лице со попреченост.

24.06.2014 - 15:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега