Груевски очекува по разговорите СДСМ да престане да и прави штета на Македонија

 

Премиерот Никола Груевски очекува да почнат разговорите со СДСМ, а по нивното завршување таа партија да престане да и прави штета на Република Македонија.

- Очекувам да почнат разговори со коишто СДСМ кога ќе завршат разговорите ќе престане да и прави штета на Република Македонија и на сите граѓани во неа, истакна Груевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев се очекува утре да се сретнат откако опозициските пратеници поднесоа оставки на функциите и не учествуваат во работата на Собранието по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 27 април годинава.

Груевски на годишнината на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека на политичката сцена мора да се закопаат секирите и да се намали јазот помеѓу политичките конкуренти оти е подготвен да и подаде рака на СДСМ за да престане деструктивното однесување за државата и за граѓаните.

Неколку дена подоцна Груевски му понуди средба на Заев која тој ја прифати и на прес-конференција ги повтори барањата за формирање техничка влада што ќе спроведе слободни, фер и демократски избори, одвојување на партијата од државата, регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и на останатите медиуми, допрецизирања во изборното законодавство и прецизирање на Избирачкиот список и спроведување попис.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција Груевски рече дека не смета дека техничка влада е решение за излез од оваа ситуација.

МИА

23.06.2014 - 19:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега