Нетпрес: Добивал ли Заев во Грција монтирани материјали поврзани со Македонска банка?

 

Лидерот на СДСМ Зоран Заев не негираше дека податоците и датумите на влез и излез во Грција, кој ги објави весникот „Дневник“ не се вистина. Заев невешто се обиде да го дефокусира вниманието изјавувајќи дека одел во збратимени општини во соседна Грција, за кои патем се испостави дека две од вкупно три се веќе непостоечки и укинати.

zaev-500

Преминувањењто на границата пеш, во најголемиот дел од случаите е крајно невобичаено, што раѓа сомнеж дека најверојатно станува збор за организирани тајни средби. Прашањето е со кого тој се среќавал, што договарал и што добил на тие средби. Се споменуваат и средби со Македонец, кој најмалку две години живее во Грција, во локал спроти Народната банка во Солун. Што се договарало со овој човек, и дали тој е посредник на грчката држава? Кој е човекот и што добил Заев од него, односно какви монтирани материјали добил? Дали монтираните материјали, кои ги добил од Грција, се оние за Македонска банка? СДСМ и Заев за ова молчат, пишува Нетпрес.

Шпекулирањата се дека на една од овие средби Зоран Заев добива монтирани материјали за да му бидат од помош за политичкото дејствување.

Нетпрес направи хронологија на сите влегувања и посети на Заев во Грција..

Посета прва

Заев влегува пеш во соседна Грција на 24 август 2013 година, и се враќа наредниот ден. На 25 август, 2013 година, ВМРО-ДПМНЕ потпишува извештај на комисијата во кој ги спори заклучоците бидејќи во суштина тие се диктат, кој мора да биде прифатен за да не се наштети на Македонија и нејзините интеграции.

Посета втора

Речиси една недела по првата посета, поточно на 31 август, 2013 година, Заев влегува во Грција со возило, се враќа во Македонија наредниот ден и тоа пешки. Многу очигледно е дека и оваа средба е поврзана со случувањата кои се поврзани околу заклучоците на комисијата за расветлување на настаните на 24 декември, а околу кои се кршеа копја. Истовремено СДСМ не негираше дека на овие тајни средби во Грција Заев добил и монтирани материјали и финансии. Тоа е периодот кога се говореше дека во партијата СДСМ можело да се чуе дека е обезбедена политичка поддршка од странство.

Посета трета 

На 9 септември, 2013 година, Заев пешки  влегува и излегува од Грција. Истиот ден Метју Нимиц се среќава во Њујорк со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. На овој состанок, на Нимиц му се соопштува дека Грција не се согласува со неговиот предлог Горна Република Македонија, а е познат од друга страна попусливиот став на Заев за името и за како што вели тој „виткање на кичмата“.

Посета четвра

На 23 октомври 2013 година, Заев влегол од Грција во Македонија пешки. Истиот ден кога влегува Заев во Македонија, Здружението на новинари (ЗНМ) прави протест и дел од групата, кои се блиски со опозициската партија, се судри со полицијата во обид да предизвика поголем инцидент. Истиот ден во Њујорк почна дводневна рунда разговори за спорот за името свикана од посредникот Метју Нимиц. Дали оваа средба значи дека Заев дава гаранции дека ќе попушти ако дојде на власт, што значи охрабрување Грција да биде потврда со Груевски.

Посета петта

Петтата посета на Грција Зоран Заев ја реализирал на 14 декември 2013, година. Тоа е во деновите кога во ЕУ се подготвува заклучокот за Република Македонија, односно донесен на 17 декември, а со кој е утврдено дека на прашањето за почетокот на пристапните преговори на Европската комисија со РМ, „земјите-членки ќе се навратат во 2014 година“.

Посета шеста

На 7 февруари, 2014 година, вечерта, Заев излегува од земјава, овој пат оди за Бугарија, преку граничниот премин „Ново Село“, а се враќа два дена подоцна, поточно на 9 февруари околу пладне преку истиот премин. Дента, на 7 февруари, Заев и Шекеринска имаат средба со ЕУ-претставникот во Македонија, Аиво Орав, и со директорот на Директоратот на ЕУ за проширување, Kристијан Даниелсон. На средбата се говори за претседателските избори, а двоецот од СДСМ бара фер избори.

Посетта седма

На 28 февруари претпладне, преку преминот во Дојран, лидерот на СДСМ Заев, одново оди за Грција, а се враќа попладне преку Богородица. Во двата правца оди со возило. Еден ден пред тоа Стево Пендаровски ја прифаќа партиската кандидатура за претседателските избори, а на 1 март Груевски вели дека ќе има и парламентарни избори. Со кого се советувал Заев во Грција?

Посета осма

На 7 март, годинава, Заев повторно заминува за Грција. Дента СДСМ го започнува случајот „Актор“, кој се однесува на изградбата на делницата Демир Kапија-Смоквица, со завршната реченица, која подоцна ќе стане вообичаен стил на СДСМ:

„Груевски, ќе кажеш или ние да продолжиме“.

Нова прес-конференција следува наредниот ден, а на 9 март Петре Шилегов посочува и одредени документи за „Актор“ каде што главен актер е грчка фирма. Заев до ден денешен крие дали и какви монтирани материјали добил од Грција?

Посета деветта

На 19 март, годинава, Заев ја напушта Македонија преку преминот Ново Село и заминува за Бугарија, а се враќа само неколку часа подоцна, преку истиот премин. Тогаш посредникот на ООН, во спорот за името, Метју Нимиц, закажува нова рунда преговори, а тие денови од најголемата опозициска партија стигнуваат шпекулации за случај што ќе го донесе СДСМ на власт. Неколку дена подоцна Шекеринска споменува дека имаат „бомба-документи“ за државниот врв.

22.06.2014 - 13:09
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега