Македонија и нордиските земји заедно против криминалот со оружје
Клучниот фактор во борбата против кој било вид криминал е соработката. Доколку сакаме сериозни резултати, мораме да ја интензивираме уште повеќе затоа што само така ќе можеме задоволително да се справиме со организираниот криминал, нагласи денеска државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Виолета Јанковска на работилницата посветена на недозволената трговија со оружје на која учествуваат полициски службеници и експерти од полициите од регионот, како и претставници на полициите на нордиските земји.
За Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, нелегалната трговија со оружје и опасни материи, но посебно поседувањето оружје како традиција и обичај во Македонија и на Балканот, претставуваат само по себе големо зло, како и поддршка на други кривични дела.
- Покрај тоа што нелегалното оружје транзитира низ Република Македонија, дел од тој транзит останува и овде. Но, од посебен интерес и значење е тоа што од Република Македонија големи количини оружје се носат и се продаваат кон Блаканот и пошироко, изјави Зврлевски. Производството, транспортот и продажбата на оружје поради големиот профит, констатира тој, е интерес на меѓународно организирани криминални групи. Зврлевски повика на адекватна реакција на полициските и правосудните сили од цела Европа и пошироко.
Директорот на одделот за јавна безбедност при Националниот центар за истраги на Данска, Мајкл Аск оцени дека нелегалната трговија со оружје е голем проблем за сите европски земји, дури и за скандинавските.
- Според меѓународните организации, вредноста на нелегалната трговија со оружје е стотици милиони американски долари годишно и се приближува до една милијарда долари, рече Аск.
Во полициските акции на МВР, лани се откриени 178 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, за што кривично се пријавени 215 сторители. Запленети се 178 парчиња разновидно оружје, како и 8.682 парчиња различна муниција, 75 детонаторски каписли и 54,6 килограми експлозив. На територијата на Република Македонија, минатата година се пронајдени вкупно 122 парчиња оружје, од кои 65 гранати, 29 мини, 23 рачни бомби, по еден рачен ракетен фрлач, како и 4.780 парчиња муниција, 12 пакувања барут, седум детонаторски каписли, топовски удар, 21 пиротехнички средства-ракети, но поголемиот дел од пронајденото оружје беше старо, неисправно и нестандардно.