Закажан новиот датум за пресудата за „Монструм“

Обвинетите во случајот Монструм пресудата ќе ја слушнат на 30 јуни во 11 часот.. На денешното рочиште вториот судија , член на судечкиот совет го закажа новиот термин. 

Пресудата требаше да биде закажана за денеска, но поради болест на судечкиот судија, таа беше одложена. 

Двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се директни извршители на убиствата се уште се во затвор во Приштина, а косовските власти немаат донесено одлука за нивна екстрадиција во Македонија. Тие во Косово се осудени за недозволено поседување оружје.

Обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејди Азири, Сејди Рама, Хаки Азири и Сами Љута тврдат дека се невини.

Обвинителката Гордана Гешковска побара најстроги казни за обвинетите со образложение дека свесно ги масакрирале петмината Македонци на Велигден само за да предизвикаат страв кај православното население.

Наспроти барањето на Гешковска, одбраната на обвинетите остана на тврдењето дека нема непосредни докази што би упатувале на фактот дека токму осомничените во „Монструм“ се сторители на петкратното убиство.

Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 13 април 2012 година, на Велики четврток, веднаш пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Судскиот процес за случајот „Монструм“ почна во декември 2012 година.

18.06.2014 - 11:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега