Шеќеринска: Во Собранието не се враќаме
Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, вели дека и покрај критиките од ЕУ, опозицијата нема да ја наведне главата пред власта за да се врати во Собранието. Таа обвинува дека токму власта е одговорна за забелешките кои доаѓаат од Брисел за, како што вели, апсолутна контрола врз медиумите и немањето одвоеност на државните од партиските активности. Зборувајќи во емисијата „15 минути“ на Алсат, Шеќеринска рече дека за евентуалното губење на препораката за почеток на преговорите, прстот ќе нема да може да се впери кон опозицијата.
Шеќеринска ги спомна случите кога СДСМ се враќал во Собранието за да се решат проблемите, како што беше случајот со настаните од 24 декември или измените во Изборниот законик, но тоа било безуспешно. Шеќеринска тврди дека единствената точка за која опозицијата е подготвена да разговара со власта е формирање на техничка влада која би организирала предвремени избори.
Во разговорот Шеќеринска не сакаше да ја открие идната стартегија на СДСМ во следниот период за на власта да не ù се дало можност да се подготви. Од друга страна, евентуалното организирање на делумни избори за да се пополнат празните места во Парламентот, Шеќеринска го оцени како неуставно. Според неа, на тој начин би се прекршил демократскиот принцип - еден човек, еден глас, па како што смета, политичката криза уште повеќе би се продлабочила
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа