ФОТО: Иванов се сретна со Порошенко
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во Киев присуствуваше на инаугурацијата на новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко, на која учествуваат делегации од околу 60 држави.
На свечената церемонија во Киев присуствуваат и претседателите на Германија, Австрија, Словенија, Албанија, Полска, Литванија, Романија, Швајцарија, Грузија, Молдавија. На премиерско ниво се претставени Јапонија, Канада, Бугарија, Латвија, Естонија. Меѓу високите гости е и американскиот потпретседател Џозеф Бајден, како и претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј. Русија, пак, ја претставува амбасадорот во Киев, Михаил Зурабов.
Откако ја положи свечената заклетва пред Врховната Рада, новиот украински претседател се сретна со македонскиот претседател Иванов.
Претседателот Иванов на украинскиот претседател Порошенко, му го честиташе стапувањето на фунцкијата и му посака успех. Двајцата претседатели изразија подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Република Македонија и Украина, како и за интензивирање на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план. По стабилизацијата на состојбата во Украина, договорено е да продолжи политичкиот дијалог, и интензивирање на соработката пред се во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите. Претседателот Порошенко истакна дека очекува во наредниот период да се отвори нова страница во украинско-македонските односи.
Во разговорите претседателот Иванов го искажа ставот дека Република Македонија ги поддржува сите обиди што можат да донесат мир и стабилност во Украина „Пред претседателот Порошенко го искажав моето убедување дека Украина преку дијалог, со политички и дипломатски средства, ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани. Дополнително, радува фактот што вчера во Франција дојде до средба на господинот Порошенко со рускиот претседател Путин“, изјави претседателот Иванов во Киев.
Политичките односи меѓу двете земји од нивното осамостојување ги карактеризира дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во повеќе области од заемен интерес. Украина е значаен економски и трговски партнер на Република Македонија, со која имаме склучено договор за слободна трговија од 2001, како и договори за заштита и потикнување на инвестиците, за одбегнување на двојно оданочување, и договор за реципрочен слободен визен режим за граѓаните на двете земји. Двете земји имаат голем потенцијал за интензивна економска соработка, во рамките на веќе уредената правна рамка, особено договорот за слободна трговија, кои се сеуште недоволно искористени, брифираат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Учеството на инаугурацијата беше можност за средби, разговори и размена на мислења и информации со некој од учесниците.
Претседателот Иванов во разговорите со Претседателот на Словенија, Борут Пахор, се задржа на состојбата на евроатланските интеграции за Република Македонија и можностите за нивна деблокада, како и за претстојната средба во рамките на Брдо Процесот. Во разговорите со полскиот претседател Коморовски и австрискиот претседател Фишер, претседателот Иванов искажа очекување за полска и австриска подршка во деблокадата на ЕУ и НАТО интеграциите. Претседателот Иванов, за време на церемонијата на инаугурација, имаше краток разговор и со Џозеф Бајден, на кој ја побара подршката за заземање на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО. Македонскиот претседател се сретна и разговараше за регионалната соработка со албанскиот претседал Нишани, а се сретна и со претставниците на Совет на Европа и ОБСЕ, Јагланд, и Заниер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа